Занаетот

Кујунџиството во Македонија

Од сребрена прачка до сребрена чипка. Како учеле, работеле и живееле македонските кујунџии и како филигранот и денес рачно се изработува во Охрид.

Старата работилница, со мевот за разгорување оган

Старата работилница, со мевот за разгорување оган

Историја

Занает што се пренесува

Во Македонија златото и среброто се обработуваат уште од античко време. Во битолското село Беранци се пронајдени златен приврзок од V век пред н.е. и златна обетка од IV век пред н.е. Во Требениште и на Горна Порта во Охрид, кнезовите од VI и V век пред н.е. биле погребувани со златни маски, златни ракавици и сандали.

Патот до мајстор бил долг. Момчето почнувало како чирак, а потоа станувало калфа. Изучувањето на занаетот траело од 8 до 15 години. Кога бил подготвен, пред другите мајстори неговиот мајстор му ставал посебен појас околу половината. Потоа еснафот му давал диплома потврдена со еснафскиот печат. Дури тогаш можел да отвори свој дуќан. Само вештината не била доволна: еснафот барал мајсторот да биде смирен, чесен и со добро однесување. Занаетот најчесто се пренесувал од татко на син, а техниките и тајните останувале во семејството.

Добрата изработка била добро платена. На почетокот на XIV век еден позлатен сребрен појас чинел 113 перпери, а во 1376 година еден златен појас бил проценет на 1000 перпери, во време кога коњ се купувал за 12 до 15 перпери. На еден предмет се работело со месеци, понекогаш и со години.

Кујунџии имало не само во градовите, туку и во селата и во поголемите манастири. Во 1692 година во црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид живеел кујунџијата Никола, кој изработувал крстови и ореоли и се грижел за црковното сребро. Селските мајстори на своите изработки им давале локален белег. Токите од Велгошти и ѓерданите од ситни бакарни пари од Пештани, двете села во Охридско, речиси не се среќаваат на друго место, па потеклото на еден накит често може да се препознае според неговиот стил.

Занаетот го достигнал својот врв во XVIII и во првата половина на XIX век. Најголеми кујунџиски центри биле Струга, Охрид, Битола, Солун, Костур, Воден, Сер, Драма, Кавала, Скопје, Прилеп и Крушево. Најдобрите мајстори своите изработки ги заштитувале со жиг, а нивните предмети биле ценети и надвор од Македонија. Кога султанот Рашид ја посетил Битола, битолските кујунџии на чело со Димитри Фила му изработиле сребрена маса тешка 30 кг. Султанот на мајсторите им дал бакшиш од 500 златни лири, а Фила добил и писмено признание за своето мајсторство. Во Струга, еден австриски принц лично дошол во дуќанот на Атанас Коркут и купувал накит. Коркут изработил и сребрена кутија тешка 2,5 кг за моштите на Св. Јован Владимир, која се чува во манастирот Св. Наум кај Охрид.

Од втората половина на XIX век, евтината фабричка стока почнала да го заменува рачно изработеното сребро, па повеќето кујунџии ги затвориле дуќаните или заминале на печалба. Само најупорните го продолжиле занаетот на своите предци. Едно од тие семејства е фамилијата Деребан од Струга и Охрид, со седум генерации кујунџии. Прочитајте ја приказната за фамилијата Деребан.

Златна обетка од с. Беранци, Битолско, IV век пред н.е.

Златна обетка од с. Беранци, Битолско, IV век пред н.е.

Златна погребна маска од Горна Порта, Охрид

Златна погребна маска, Горна Порта, Охрид, V век пред н.е. (Арџанлиев и др., 2018)

Две сребрени игли со расцветано цвеќе од злато, Требениште

Две сребрени игли со расцветано цвеќе од злато, Требениште, VI век пред н.е. (Арџанлиев и др., 2018, стр. 85, сл. 17)

Мајсторот Димитри Фила со своите помошници покрај сребрената маса за султанот Рашид, Битола

Мајсторот Димитри Фила со своите помошници покрај сребрената маса за султанот Рашид, Битола

Битолските кујунџии на традиционалната средба на еснафскиот празник Сретение Господово

Битолските кујунџии на традиционалната средба на еснафскиот празник Сретение Господово

Постапката

Како се изработува филигран

Филигран значи „конец и зрно“: накит изграден од тенка сребрена жица. Сите алати прикажани тука се од работилницата на фамилијата Деребан и се изложени во музејот.

Земјени потиња за топење, железен китар и маша

Земјени потиња за топење, железен китар и маша

Чекор 1

Топење и леење

Чистото сребро се топи во мало земјено поте врз жар од ќумур. Огнот се разгорува со мев од дрво и кожа, а потето се крева со долга маша.

Стопеното сребро потоа се истура во китар, железна алатка со жлебови премачкани со восок. Така се добиваат сребрени прачки дебели од 8 до 10 мм.

Чекор 2

Влечење на жицата

Секоја прачка се влече повеќепати низ отворите на сиртот, железна плоча со дупчиња. Отворите се од 10 мм до четвртина милиметар, и со секое влечење жицата станува потенка и подолга.

Вангел велеше дека од еден килограм сребро се добива еден километар жица, речиси тенка како човечко влакно.

Сиртови за влечење на сребрена жица

Сиртови за влечење на сребрена жица

Рожен чекан, чекан, дрвена стега, шила и менгеме

Рожен чекан, чекан, дрвена стега, шила и менгеме

Чекор 3

Сучење и сплескување

Две жици се сучат заедно на скоропаната, дрвена алатка за сучење, и така филигранот го добива својот изглед на плетенка. Дел од жицата се сплескува со чекан на наковалната и се добива чаркот, рамката на предметот. Остатокот се сече на ситни парчиња, полнетицата, со која се пополнува рамката.

Чекор 4

Обликување на предметот

Мајсторот со чаркот го обликува надворешниот облик на предметот. Потоа внатрешноста ја пополнува со ситни спирали од сукана жица, со помош на чифт, ножици и алатки за обликување. Ова е најбавниот дел од работата. На еден предмет се работи со денови, а на некои исклучителни и со години.

Ножици, клешти, чифт, алкопит и алатки за обликување

Ножици, клешти, чифт, алкопит и алатки за обликување

Кандило со бориите, мери за прстени и четка од месинг

Кандило со бориите, мери за прстени и четка од месинг

Чекор 5

Лемење

Предметот се реди на железно сито и се посипува со лем во прав (аслем). Потоа мајсторот со тенка борија го дува пламенот од кандилото врз него. Со својот здив ја контролира топлината, така што лемот се топи, а тенките жици остануваат цели.

Чекор 6

Чистење и доработка

По лемењето среброто потемнува. Предметот се чисти во среш во бакарен сад (тас), се четка со четка од месинг и се суши во пилевина. На крајот се гланца додека не заблеска.

Турпии, калапи за прстени и белегзии, маткап за дупчење и калеми за гравирање ги доработуваат деталите.

Калапи и турпии

Калапи и турпии

Маткап за дупчење

Маткап за дупчење

Железни рамки за леење

Железни рамки за леење

Калапи за леење

Калапи за леење

Украсување

Други техники

Кујунџиите лееле предмети и во калапи, а на површината ставале ситни сребрени зрнца, техника наречена гранулација, позната уште од III милениум пред н.е. Гравираните линии ги пополнувале со црн сават, а на среброто нанесувале и емајл.

Во работилницата

Уџарето од 1797 година

Секој мајстор своите највредни предмети ги чувал во уџаре, ковчег со многу мали фиоки. Уџарето има рачка од двете страни. Навечер, кога ќе се затвореше дуќанот, чираците го носеле во куќата на мајсторот. Уџарето на Деребан е од 1797 година и се пренесува од татко на син.

Уџарето на Деребан затворено, со рачки од двете страни за носење

Уџарето на Деребан затворено, со рачки од двете страни за носење

Отвореното уџаре со многуте мали фиоки, 1797

Отвореното уџаре со многуте мали фиоки, 1797

Видете ги во музејот

Овие алати се изложени во Музејот на филигранот во охридската чаршија, во дуќанот каде што работеше Вангел Деребан. Дојдете и видете како од сребрена прачка се раѓа чипка.

Симболи и заштита

Накитот и неговото значење

Накитот никогаш не бил само украс. Тој ги покажувал богатството и угледот на семејството, а прстенот што се пренесувал од татко на син станувал знак на фамилијата.

Накитот го штител и оној што го носи. На новороденчето му зашивале паричка или мало крстче на капчето, против урок. Во мијачките села невестата и младоженецот се гледале низ прстен и велеле „те гледам низ прстен, да ти влезам во срце“. Војниците носеле лешник полн со жива за среќа. Секој камен имал свое значење: синиот за небото, црвениот за сила и живот, зелениот за нов живот.

Најбогат накит имала женската народна носија. Свечената носија на мијачката жена тежи околу 30 кг, а неколку килограми од неа се филигран. Во Охридско и Струшко Поле девојките носеле панѕур, врвца со парички на крајот од плетенката, која ѕвонела додека одат.

Градска народна носија

Градска народна носија

Женска носија од Охридско Поле (збирка на Владимир Јаневски)

Женска носија од Охридско Поле (збирка на Владимир Јаневски)

Невестинска носија од Галичник

Невестинска носија од Галичник

Збирката

Видови накит

Накитот најчесто се дели според тоа каде се носи: на главата, околу вратот, на рацете и на облеката.

Глава и уши

Накит за чело со златна пара

Накит за чело со златна пара

Игли за глава

Игли за глава

Накит за глава

Накит за глава

Накит за глава

Накит за глава

Обетки

Обетки

Обетки

Обетки

Врат и гради

Ѓердан

Ѓердан

Ѓердан од ситни бакарни пари (мангири), Охридско

Ѓердан од ситни бакарни пари (мангири), Охридско

Накит за гради

Накит за гради

Раце

Белегзии

Белегзии

Белегзии

Белегзии

Прстени

Прстени

Појаси и пафти

Пафта од Мијачијата

Пафта од Мијачијата

Филигранска пафта

Филигранска пафта

Позлатена сребрена пафта

Позлатена сребрена пафта

Филигрански појас

Филигрански појас

Позлатен филигрански појас

Позлатен филигрански појас

Појас со пари, Галичник

Појас со пари, Галичник

Повеќе од накит

Сребро за домот

Кујунџиите изработувале и многу повеќе од накит. За домот правеле послужавници, филџани, сетови за кафе и слатко, свеќници, мастилници, огледала, кутии за накит и табакери. Сето тоа го изработувала и работилницата на Деребан.

Охрид

Сребро за црквата

За црквата изработувале оковки за икони, крстови, кадилници, полилеи, путири и ковчежиња за мошти. Охрид бил седиште на Охридската архиепископија, па црковното сребро тука го достигнало својот врв. Сребрените оковки на охридските икони, изработени меѓу XII и XIV век, се меѓу најубавите кујунџиски дела на Балканот.

За домот

Филигрански вазни

Филигрански вазни

Филигранско поте со лажиче

Филигранско поте со лажиче

Филигрански послужавник

Филигрански послужавник

За црквата

Сребрено кандило со исчукување, XVIII век

Сребрено кандило со исчукување, XVIII век

Сребрена кутија за црковна употреба, XVIII век

Сребрена кутија за црковна употреба, XVIII век

Сребрени крстови

Сребрени крстови

Македонскиот накит, Вангел Деребан и Никола Деребан

Извор

Македонскиот накит

Текстот на оваа страница се темели на книгата Македонскиот накит од Вангел Деребан и Никола Деребан (Охрид, 2021), во која се опишани материјалите, алатите и рецептите на занаетот, онака како што се користеле во фамилијата Деребан со генерации.

Книгата може да се купи во продавницата на музејот.

КОНТАКТ

Локација

Музеј на филигранот – „Вангел Деребан“
ул. „Св. Климент Охридски“ бр. 40
6000 Охрид, Северна Македонија
+389 71 321 462