За проектот

Работилница на филигранот – “Ванѓел Деребан” е финансиран од страна на Проектот за Локалнa и регионална Конкурентност (ПЛРК)  поддржан од Европската Унија користејќи фондови од ИПА 2 наменети за конкурентност и иновација во Макeдонија. ПЛРК е хибриден фонд и се состои од четири компоненти, извршени од страна на Светска Банка  и  Владата  на  С. Македонија и овозможува  фодови  за  инвестиции  и градење на капацитети за поддршка на развојот на секторот, инвестиции за развој во дестинации и специфични дестинации. На локално и регионално ниво, Проектот поддржува   селектирани туристички дестинации во земјата преку комбинација на техничка поддршка за развој на управувањето со дестинации, инвестиции во инфраструктура и инвестиции во поврзување и иновативност.

Потпроектот Работилница на филигранот – “Ванѓел Деребан” цели кон оживување и промовирање на занаетчиството како една од значајните дејности во регионот на Охрид и Струга, кое служело како поткрепа на нејзината економија со децении и векови, а испреплетено ги носело и традициите на регионот и претставувало една од најинтересните и најпримамливите активности за туристите за учење на македонската култура и традиција.

Во регионот еден од најпознатите занаети е кујунџиството, а еден од најпознатите мајстори-кујунџии кој изработувал накит од сребро е Ванѓел Деребан, чиј дуќан и работилница беа една од најпосетуваните атракции за туристите. За тоа сведочат бројни домашни и странски написи, документарци, брошури за промоција на туризмот во Македонија. Накит произведен во работилницата на Ванѓел Деребан поседуваат државници, кралски семејства, а предмети од сребро и денес се присутни во музеите и црквите низ Македонија. Занаетчиството со текот на годините скоро и изумира, а филигранството, иако со мало раздвижување, повеќе не е претставувано како симбол за македонската култура и богатство.

Цели на проектот

Овој потпроект директно цели кон создавање на уникатно искуство и активност за туристите кои го посетуваат регионот на Охрид, Струга и пошироко, која до сега не е понудена како таква, како и воздигнување на културните и искуствени вредности на македонската традиција и уметност.

Главната цел на овој потпроект е возобновување на еден вид на занает кој претставувал симбол на традицијата, културата и вредностите на македонскиот народ. Креирање на работилница и музеј на филигранот преку ваков проект значи создавање на искуство за туристите во Охрид и околината кое ретко имаат можност да го доживеат на друго место и кое преку директна презентација на создавање на парче накит или предмет од сребро или преку приказ на историјата на дуќанот на Вангел Деребан, ќе раскаже за традициите на овој простор. Создавање на уникатни искуства претставува основ на зголемување на интересот на туристите за едно туристичко место и зголемување на шансите за желба за продолжување или повторна посета.

Активности

Активностите на потпроектот вклучуваат возобновување на работилницата на Вангел Деребан, на истата локација и дуќан каде што творел и работел и изградба на музеј на кујунџиството преку приказ на неговата работа и традицијата на неговата фамилија во овој занает уште од 1819 година. Преку работилницата, во која негови ученици (чираци) реално ќе изработуваат филигрански накит и предмети со автентичниот алат и преку изложување на предмети изработени од рацете на Вангел Деребан и предмети од македонската култура и традиција кои се сочувани низ годините, туристите ќе имаат можност повторно, да се запознаат одблиску со еден од најпознатите занаети на овој регион и со себе да поднесат предмет како спомен од Македонија.

Работилницата и музејот на филигран, преку презентација на изработка на накит и предмети од сребро од страна на обучени филигранисти и предмети од сребро и филигрански накит изработени од мајсторот Вангел Деребан, како и презентација на традицијата и историјата преку овие предмети, списи, документи, слики, документарни филмови и книги, на уникатен начин ќе ја раскаже приказната за традицијата и историјата и вредностите и културата на регионот.

КОНТАКТ

Локација

Работилница на филигранот – “Вангел Деребан”
Св. Климент Охридски Бр. 40
6000 Охрид, Р.С. Македонија